Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати.
До неговата изјава доаѓа откако вчера во Македонија во едно деноноќие беа регистрирани 50 починати лица .
Филипче рече дека болниците се преоптоварени како никогаш од почетокот на епидемијата, дополнувајќи дека има слободни кревети и ниеден пациент нема да остане без соодветна лекарска нега.
" Има пациенти со клиничка слика и страшни манифестации на белите дробови и крвта какви што пулмолозите и колегите инфектолози досега не виделе,изјави Филипче при посетата на СЦ „Борис Трајковски“ каде што задутре ќе почне масовна имунизација.
Масовното вакцинирање во „Борис Трајковски“ ќе почне со 3000 термини
Во однос на смртните случаи на млади луѓе, министерот одговори дека и во регионот често има влошување на здравствената состојба кај младите во рок од само неколку часа.
На прашањето зошто масовното вакцинирање не почна уште овој викенд, тој одговори дека му пристапуваат внимателно на процесот, за кога ќе тргне, проблемите да се минимизираат.
Соопшти дека овој месец ги очекуваме и останатите дози вакцини и секоја количина, како што рече, точно ќе се знае каде ќе оди. За вакцините на „Астра Зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „Астра Зенака“.
На прашање за барањето оставка од него од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која и денеска организира протест пред Министетството за здравство, Филипче апелираше да бидат конструктивни.
"Ние даваме се од себе. Ако не помагаат, барем да не одмагаат", рече Филипче.