Иран отфрла постепено укинување на санкциите

Иран.

Иранското Министерство за надворешни работи отфрла какво било „чекор-по-чекор“ укинување на санкциите воведени против Иран, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Хатибзаде.

„Дефинитивната политика на Исламската Република Иран е укинување на сите Санкции од САД “, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Хатибзаде, во интервју за Прес ТВ.

Американскиот Стејт департмент, вчера информираше дека разговорите следната недела во Виена за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година ќе се фокусираат на „нуклеарните чекори што Иран треба да ги преземе за да се врати во согласност со тој договор“.

Иран ќе се врати на нуклеарниот договор ако САД ги тргнат санкциите

Соединетите држави еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор во 2018 година под власт на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој повторно воведе економски санкции кон Техеран. Иран реагираше со постепено намалување на своите обврски согласно договорот, вклучително и со поголемо збогатување на ураниум.

Американскиот претседател Џо Бајден сигнализираше подготвеност да го оживее договорот, но неговата администрација вели дека Иран најпрво мора да се врати на своите нуклеарни обврски.

Шефот на Иранската организација за атомска енергија, Али Акбар Салехи, рече дека Техеран е оптимист во врска со преговорите во Виена на 6 април, за време на кои Техеран и Вашингтон ќе преговараат индиректно.

Претходно, портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс го нарече продолжувањето на преговорите закажано во Виена „здрав чекор напред“. Но, Прајс додаде: „претстојат тешки дискусии“.