Скопје бара од Приштина екстрадиција на Африм Исмаиловиќ, еден од осудените на доживотен затвор во процесот „Монструм“, кој вчера е уапсен во Косово, потврди денеска премиерот Зоран Заев.
"Ние од поодамна имаме побарано екстрадиција и очекувам од новите косовскит власти да ги потврдат меѓунардоните договори на кои и Косово и С Македонија се имаат обвразано, а тоа ќе ја зајакне и соработката меѓу двете земји. Секако, никој не е виновен додека со правосилна одлука тоа не се потврди, но верувам дека во овој случај тоа е потврдено со судска одлука. Очекувам властите на пријателско Косово, да го почитуваат правото и меѓународните договори, и да го екстрадираат лицето", рече Заев денеска во Велес, одговорајќи на новинарско прашање.
Африм Исмаиловиќ, еден од осудените за петкратното убиство кај Смилковското Езеро е упасен вчера во една од приштинските населби, откако бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа.
Како што јави МИА од Приштина, адвокатот на Исмаиловиќ, Бесник Бериша изјави дека, по проверката на кривичната историја на неговиот клиент, е утврдено дека за него има меѓународна потерница и дека надлежен обвинител му одредил 48-часовен притвор.
Африм Исмаиловиќ, како и неговиот брат Агим и Халил Демири, на 23 февруари годинава беа осудени од Кривичниот суд во Скопје на доживотен затвор по обвинението дека на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство. Двајца други обвинети, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на 15 односно девет години зазтвор. За обвинетиот Сами Лута, се одби обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Протестен марш против пресудите во Монструм од Чаир до Владата
Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 година го презеде поранешното СЈО. Потоа во 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.