Во понеделник во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе почне масовното вакцинирање со „Спитник В“ и за тој ден се закажани првите речиси 3000 термини.
Во оваа фаза ќе бидат имунизирани граѓани од критична инфраструктура – луѓе што работат во МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје и сите што имаат контакти – возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработените на патарини итн. Според планот, вакцинацијата со 20 000 руски вакцини „Спутник“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта.
Во салата денеска беше направена проба како ќе функционира и ќе се координира масовната вакцинација. Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по вакцинирањето и делови за Итна медицинска помош ако е потребно.
Дилема-постојните вакцини против ковид-19 наскоро нема да бидат доволни
Министерот Венко Филипче при посетата на СЦ „Борис Трајковски“ изјави дека на почеток во просек околу 4000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ дражавата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.
" Овде го реплицираме на многу поголем простор оној систем што го имавме во Модуларната болница каде се вакцинираа здравствените работници. Верувам дека граѓаните ќе имаат и желба и волја да се вакцинираат.. Со доаѓањето нови и поголеми количини вакцини овој месец, ќе се намалува се повеќе старосна граница", изјави Филипче.
До вчера се вакцинирани 1300 граѓани.