Заев за Бугарија: Станува збор за два различни народа со заеднички делови од историја

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев изјави дека ЕУ требало да смогне сили и да најде начин да го деблокира процесот на земјата за членство во ЕУ, но, сепак останува прашањето со Бугарија да се реши на билатерален начин. Според него, ситуацијата не е ни во интерес на Бугарија. Заев нагласи дека во последниот неодамнешен телефонски разговор со бугарскиот премиер Бојко Борисов се договориле веднаш после изборите да започнат разговорите, и дека е убеден дека постои решение кое ќе биде прифатено за двете страни.

„Јас сум учествувал во донесување договори од интерес на страните што се инволвирани. Македонскиот јазик и идентитет не се теми за кои се преговара, ниту се разговара. Тоа го сфати и Ципрас кога го решававме спорот со Грција. Има теми за историчарите, но тие не треба да бидат пречка за иднината. Треба да биде јасно дека станува збор за два различни народа со заеднички делови од историја и искрено верувам ќе имаме решение, а после тоа ќе следува меѓувладината конференција со ЕУ за отворање на преговорите по поглавја“, рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ канал 5.

Од декември лани, Македонија има вето од Бугарија за преговарачката рамка со ЕУ, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство.