Министерот за здравство Венко Филипче изјави денеска дека здравствениот систем е под огромен притисок како што не бил никогаш, не само во земјава, туку и во светот, бидејќи се соочуваме со пикот на досега најсилниот бран.
„Благодарение на брзата прераспределба, на брзата реорганизација на системот на ротација, здравствените работници добро го амортизираа и овој удар. Ниту еден пациент не е оставен без соодветна болничка заштита, за што можам да им се заблагодарам за пожртвуваната и посветена работа. Тоа значи во секоја болница, па и тука во Прилеп се прави планирање на дневна основа, но и среднорочно во смисла на тоа кои одделенија ќе бидат преадаптирани доколку е потребно и доколку дополнително се зголемува бројот на пациентите“ изјави Филипче за време на посетата на модуларната болница во Прилеп.
Тој ги повика граѓаните помасовно да се пријавуваат за вакцинација, бидејќи тоа, според него, е еден од главните инструменти во борбата против пандемијата.
Во земјава вчера пристигнаа 20 илјади вакцини Спутник В, донација од Србија. Во средата започна масовната вакцинација на населението со вакцините на АстраЗенека обезбедени преку Ковакс механизмот. Од понеделник започнува и вакцинацијата на вработените во критичната државна инфраструктура.