Твитер казнет со 100 илјади евра во Русија

Логото на Твитер со руското знаме. Илустрација.

Рускиот суд му изрече казна на Твитер од речиси 100 илјади евра поради тоа што социјалната мрежа не избришала содржина, која според властите, била забранета. Ова е прва казна, но, во следните денови се очекуваат серија на пресуди против американските социјални медиуми во Русија. Во моментов има случаи против Фејсбук и Јутјуб.

Случаите се однесуваат на содржина објавена на нивните платформи во јануари, во која се повикуваат Русите да протестираат против апсењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални.

Рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор ги опиша објавите за протестите како „поттикнување на тинејџери“ да учествуваат во „незаконски активности“ или „неовластени масовни настани“.

Навални беше уапсен во средината на јануари под обвинение за прекршување на условната казна, по враќањето од Германија каде се лекуваше од труење со нервен агенс. Десетици илјади Руси низ целата земја ги послушаа повиците и излегоа на протести на 23 јануари и 31 јануари.