„Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи во земјата, меѓу кои и македонската и да изнајде решение на отворените прашања со Северна Македонија, бидејќи блокадата на пристапувањето на соседот во ЕУ ризикува дестабилизација во регионот“, изјавиле денеска за МИА од американскиот Стејт департмент по најновиот извештај за состојбата на човековите права во соседната земја.
Во извештајот на Стејт депарментот се нотира кршење на правата на Македонците во Бугарија. Властите во Бугарија, како што се наведува, продолжуваат да ја одбиваат регистрацијата на активистичките групи на етничките Македонци како што се Организацијата „Илинден“, Здружението на прогонувани Македонци, жртвите на комунистичкиот терор и Македонскиот етнички клуб за толеранција во Бугарија.
„Ја охрабруваме Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи и да се придржува до своите меѓународни обврски за човекови права, како правото на слободно собирање“, изјавило високо официјално лице на Стејт департментот.
Оттаму додаваат и дека Бугарија и Северна Македонија треба да преговараат за билатерални прашања, но тоа да се издвои од процесот за пристапување кон ЕУ. Бугарија минатата година го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, со што ги запре пристапните преговори со ЕУ.