Со транспаренти, албански знамиња и барања за оставки од првите луѓе на Јавното обвинителство, неколку стотини граѓани, роднини и поддржувачи на осудените во случајот „Монструм“ денеска го почнаа протестот против пресудите изречени во овој судски предмет.
Протестниот марш почна од скопски Чаир и преку Бит-пазар демонстрантите се собраа пред Владата. Пред зградата на Владата демонстрантите бараат ослободување на осудените. На приодот кон владата е поставен полициски кордон и заштитна ограда.
„Пред вас ја искажуваме болката на сите осудени лица во монтираните случаи: Монструм, Алфа. Ова е селективна правда во сите овие случаи. Каде се заштитените сведоци поради кои луѓето се осудени неправено. Бараме владата да формира посебна комисија која ќе се занимава со овие случаи и да се исправи оваа неправда“, рече Бедри Ајдари, организатор на денешните протести, во обраќањето пред Владата.
На претходниот протест пред неколку недели, демонстрантите се судрија со полицијата кај Бит Пазар при што беа повредени 11-мина полицајаци – нападната беше и новинарска екипа. По протестот беа приведени повеќемина под сомнение за насилство, а дел од нив експресно беа осудени на затворски казни.
Во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, беа изречени доживотни казни затвор за обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро. За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.