Премиерите на Унгарија и Полска, заедно со лидерот на италијанската партија Лига, во Будимпешта поставија нови темели на конзервативниот десен сојуз во Европа. На крајот од состанокот, унгарскиот премиер Виктор Орбан го поздрави „првиот чекор кон долгиот заеднички пат“. „Се согласивме да продолжиме да работиме. Ќе се состанеме во мај, или во Рим или во Варшава, датумот ќе зависи од епидемијата на коронавирусот“, рече Орбан на заедничката прес-конференција. Лидерот на италијанската екстремно десничарска партија Лига, Матео Салвини пак изјави: „Ние се претставуваме како историско и основачко јадро“ на алијансата “, со цел да бидеме први во Европа“.
Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП
Премиерот на Полска, Матеуш Моравиецки, рече дека тој е за европска интеграција „која го почитува националниот суверенитет, семејството, христијанството“ и ги брани „традиционалните вредности“. Тоа беше првиот состанок на тројца официјални лица откако партијата на Виктор Орбан, Фидес, се повлече од Европската народна партија. Пратениците на Фидес сега не припаѓаат на ниту една политичка група, но партиските членови на Салвини и Моравиецки се во две одделни парламентарни групи. До сега, обидите за обединување на националистичките и крајно десничарските политички сили во ЕП секогаш пропаѓаа.