Преместени 83 мигранти во кампот Липа во БиХ

Транспорт на мигранти од босанскиот град Бихаќ до кампот Липа.

Службата за работа со странци на Босна и Херцеговина (БиХ) премести 83 мигранти од шест напуштени и уништени објекти лоцирани градот Бихаќ на северот на БиХ, и ги смести во привремениот камп Липа кој се наоѓа на околу 30 километри од Бихаќ.

Од Службата наведуваат дека инспекторите меѓу мигрантите идентификувале три малолетни лица без придружба, по што бил вклучен и Центарот за социјална работа кој треба да назначи старател и да најде сместување за нив.

„Мигрантите ќе бидат сместени во превентивна изолација во рамките на кампот „Липа“, каде што ќе бидат медицински прегледани, идентификувани и регистрирани“, се вели во соопштението на Службата.

Службата за работа со странци во соработка со Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот контон, на 24 февруари спроведе акција за раселување на мигрантите од напуштените згради на поранешната фабрика „Краина-Метал“ и од поранешниот Дом за пензионери, соопшти Службата.

Во напуштените објекти биле пронајдени околу 200 мигранти, кои биле пренесени со автобуси до привремениот прифатен центар во „Липа“.

Во Федерацијата БиХ, која брои десет кантони, во моментов има шест прифатни центри за мигранти. Во Сараевскиот кантон се наоѓаат „Ушивак“ и „Блажуј“, а во Унско-санскиот кантон се камповите „Бориќи“, „Седра“, „Мирал“ и „Липа.“

Околу 3.000 мигранти живеат надвор од прифатните центри и главно се потпираат на помошта на босанските волонтери и локалното население.