Американската амбасадорка Брнз порача АА-А да бидат конструктивна опозиција

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мари Брнз.

Американската амбасадорка во Скопје Кејт Мари Брнз денеска разговарала со лидерите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива (АА-А), Зијадин Села и Африм Гаши, при што била истакната потребата да бидат конструктивна и ангажирана опозиција, соопштни Амбасадата на САД.

Во соопштението се вели дека Брнз ги охрабрила двајцата лидери да соработуваат со останатите со цел да бидат надминати предизвиците со кои се соочува земјава во моментов.

Инаку, коалицијата која е дел од опозицијата се противи на одложувањето на пописот, во услови кога е започната процедура за измени на Законот за попис со цел процесот да биде одложен за септември по договорот кој беше постигнат меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Алијанса за Албанците и Алтернатива претходно објави дека остануваат на нивниот став дека пописот не треба да се одложи и оти нема да дозволат да се одлржи денешната собраниска седница, на која на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Севрна Македонија, 2021 година по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Во меѓувреме Собранието ја почна 38. седница со двете точки на дневен ред, одложување на пописот што би се одржал од 5 до 30 септември, како и измена на Изборниот законик со којшто се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.