Очекуваме во текот на овој месец да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100 илјади вакцини од Европската унија и сите 200 илјади вакцини од Кина, како и следните количини од „Спутник V” и вакцините од „Фајзер”, од кои имаме нарачано 800 илјади. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак”, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашање по пристигнувањето на нови вакцини од Србија.
Од нашите набавки на вакцини досега имаме добиено два пати по 3 000 од „Спутник В” и 24 илјади од КОВАКС механизмот, додека во текот на мај, премиерот изрази уверување, дека ќе стигнат и дополнителни количини.
„Со се’ поголемиот интерес на граѓаните веруваме дека ќе стигнеме до милион и триста вакцинирани граѓани. Многу е важно да ги покриеме сите тие периоди, за континуитет на целата вакцинација, од прва и втора компонента. Има дел од вакцините кои што се примаат како втора компонента меѓу осум и 12 недели, како што е „Астра Зенека”, а другиот дел се две до три недели“, рече Заев.
Според премиерот, за сите нарачани вакцини се обезбедени финансиски средства.