Пристигна втора донација од Србија: 20.000 Спутник V дози, следуваат уште 20.000

Втора донација вакцини против ковид-19 од Србија (Спутник V)

Во Македонија денеска пристигна нова пратка вакцини против ковид-19, донација од Србија. Денеска пристигнаа 20 илјади дози од руската вакцина Спутник V и уште 20 илјади наскоро ќе бидат испорачани.

Според премиерот Зоран Заев, со овие вакцини ќе се овозможи континуитет „во масовното вакцинирање против коронавирусот во Македонија“.

„Изразуваме голема благодарност до братскиот српски народ“, порача премиерот Заев, кој му се заблагодари на претседателот Вучиќ и премиерката Брнбабиќ.

Видете и ова: Вчера во Македонија вакцинирани 730 граѓани над 77 години


Ова е втора донација од Србија во вакцини за Македонија, претходно Србија беше донатор на 8.000 фајзерови вакцини.

Министерот за здравство, Венко Филипче, прецизираше кок ќе се вакцинира со овие вакцини: „Вработени во МВР, дел од Армијата, судовите, обвинителството, вработени на патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, односно сите оние што се во голем ризик и се во поголема возрасна категорија“.

Вакцинацијата ќе се врши во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Според Заев, Македонија до сега има 38.000 вакцини против ковид-19. Тој денеска истакна дека заедно со министерот за здравство Венко Филипче, „вртат телефони“ секаде низ светот за да обезбедат вакцини. За оваа пратка, рече, лично разговарал со српскиот претседател Вучиќ.