Државниот завод за статистика (ДЗС) нема да ги отпочне пописните активности на терен поради новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021. Денеска се очекува да се одржи седница на Собранието на чиј дневен ред ќе се најдат измените на Законот за попис, со кој тој треба да се одложи за септември, како што претходно се договорија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Сите партии, освен Алтернатива и Алијанса се сложуваат пописот да се одложи.
„Со оглед на новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021, а во согласност со Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите,
до завршувањето на постапката во Собранието, што се очекува многу брзо, Државниот завод за статистика нема да ги отпочне пописните активности на терен“, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Оттаму велат дека со оглед на тоа што е предвидено пописот да трае 21 ден, односно до 21 април, тие сметаат дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време.
„Во периодот додека се чека разрешница во Собранието, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување. За сите активности што следуваат, Државниот завод за статистика навремено ќе ја информира јавноста“, соопшти ДЗС.