Соединетите држави изразија загриженост за, како што ја нарекоа, тековната руска агресија против Украина, поради извештаите за натрупување на руски трупи долж украинската граница и на Крим. Државниот секретар Антони Блинкен во телефонски разговор со неговиот украински колега Дмитро Кулеба ја потврди поддршката на САД за Украина „пред постојаната агресија на Русија“ и „изрази загриженост за безбедносната состојба во источна Украина“, соопшти Стејт департментот.
ЕУ не може сама да ја брани Европа од закани од тероризам и Русија
Портпаролот на Министерството за одбрана Џон Кирби пак, рече дека Пентагон е запознат со украинските воени извештаи во врска со движењата на руските трупи близу границите на Украина. „Руските дестабилизирачки акции ги поткопуваат намерите за деескалација кои беа постигнати со договорот со посредство на ОБСЕ уште во јули минатата година“, рече Кирби. Цивилната специјална набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина во последните неколку дена пријави стотици повреди на примирјето. На 26 март четворица украински војници беа убиени, а други двајца беа повредени во источниот дел на земјата. Русија негира дека има воено присуство во источна Украина, каде што ги поддржува сепаратистичките сили.