Сите претставници на пратеничките групи и претставниците на политичките партии застапени во Собранието биле подготвени да се одржи седница на која ќе се најдат измените на Законот за попис, освен Алијансата за Албанците и Алтернатива, се наведува во соопштението од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот се договорија пописот да се одложи во септември. Според сегашниот закон, пописот треба да стартува утре и да трае до 21 април. Од Алијансата и Алтернатива претходно рекоа дека не сакаат пописот да се одложи и дека тоа ќе биде на штета на Албанците.
Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека не успеале да се договорат за одложување на пописот, благодарејќи на една од опозициските пратенички групи.
Маричиќ потсети дека пописот, според постојниот Закон, треба да почне утре, а ако попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.
„Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка“, рече министерот.
Според него, ако претседателот на Собранието, Талат Џафери утре закаже седница би требало законот да се најде на дневен ред и да биде донесен во најскор можен рок. Предложен е во скратена постапка и со европско знаменце, повтори министерот, што значи дека повеќе од два или три дена не може да трае постапката за негово усвојување. Џафери соопшти дека утре ќе информира за понатамошен тек на работите.
Вчера измените на законот со кои се одложува пописот за во септември и делот за попишувањето на дијаспората беа донесени на владина седница, по што беа испратени во Собранието, но денеска беа вратени до Владата подари технички недостатоци. Маричиќ вечерва рече дека сите технички забелешки се исправени во текот на координацијата.