Навални почна штрајк со глад

Алексеј Навални

Kритичарот на руската власт, Алексеј Навални, денеска започна да штрајкува со глад се додека не добие соодветен медицински третман за силната болка во грбот и вкочанетост на нозете. Навални во објава на Инстаграм напиша дека бара да го посети лекар по негов избор. Критичарот на Кремљ, кој има 44 години, се наоѓа во затвор на околу 100 километри од Москва. Затворот во кој е сместен Навални е познат како еден од најтешките казнено-поправни установи во Русија.

Во јануари годинава Навални беше приведен на аеродромот во Москва веднаш по враќањето од Берлин, каде беше на лекување. Тој беше во болница, оти, како што утврдија потоа неколку западни лаборатории, имало обид да го отрујат со нервен гас од типот Новичок. Тој се разболе на лет во Сибир во август 2020 .

Навални потоа рече дека обидот за атентат е нарачан од рускиот претседател Владимир Путин. Руските власти го отфрлаат ова тврдење.

Судот во Москва во февруари донесе одлука дека додека бил во Германија, Навални ги прекршил условите за условно ослободување од постар случај на проневера. Навални за овој случај смета дека е политички мотивиран.

Неговата условна казна од три ипол години беше претворена во затворска казна, иако судот му ја намали казната на две ипол години.

Од минатата недела Навални има здравствени проблеми. Неговите сојузници рекоа дека се загрижени поради неговото влошено здравје и ги повикаа затворските власти да ја разјаснат неговата состојба.

Навални рече дека страда од силни болки во грбот и дека затворските власти не направиле „ништо“ за да го решат проблемот, освен да му дадат лек против болка.


Стотици руски лекари побараа од властите да му пружат итна медицинска помош на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални поради зголемената загриженост за состојбата на неговото здравје.