Починаа две родилки позитивни на ковид-19, едното бебе е добро, другото е на респиратор

Илустрација.

Во изминатото деноноќие починаа две родилки позитивни на ковид-19, кои овој месец беа породени во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство-Скопје (ГАК). Една од родилките почина на КАРИЛ, а другата во ГОБ „8 Септември“, соопштија од Клиниката.

Едната почината родилка е 33-годишна жена од Делчево, на која ова и било втора бременост. Таа се породила во термин со царски рез. Родила машко бебе во добра општа состојба, кое веќе е испишано од ГАК.

Од ГАК велат дека родилката ја примиле на 10 март во лоша состојба, со висока температура, ниска сатурација и со кашлица. Родилката на 11 март била породена на ГАК, но поради влошување на нејзината клиничка состојба, бил препратена на натамошно лекување во ГОБ „8 Септември“. Ден пред хоспитализација на ГАК, на 9 март родилката добила негативен PSR тест, а на Клиниката за гинекологија на 10 март и бил направен антигенски рапид тест кој покажал позитивен резултат.

Втората почината родилка е 32-годишна скопјанка, исто таа бремена со второ дете. И таа била породена на ГАК со царски рез, во 30-та недела од бременоста.
Родилката на ГАК беше донесена од Инфективната клиника во Скопје на 20 март во тешка состојба и само неколку часа по породувањето, поради исклучително лошата состојба, беше препратена на интензивно лекување на КАРИЛ. Нејзиното предвремено родено бебе е женско, кое сѐ уште се наоѓа на Одделот за интензивна нега на ГАК и е на респиратор, стои во соопштението од Клиниката.