Димитров - Логар: Западен Балкан е геостратешка потреба на ЕУ

Вицепремиерот Никола Димитров и словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар, Љубљана 31 март 2021

Вицепемиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, официјалната посета на Словенија ја започна денеска во Љубљана, со средба со домаќинот, министерот за надворешни работи Анже Логар, информираше Секретаријатот за европски прашања (СЕП). Посетата се надоврзува на средбите во Германија, која како претходен претседавач со Европската Унија (ЕУ) тесно соработува со Португалија и Словенија во рамките на актуелното Трио.

„Средбата се случува во момент кога Словенија ја обликува агендата на Советот на Унијата, како нејзин иден претседавач од 1 јули годинава. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, како еден од приоритетите на словенечкото претседателство беше клучна тема на средбите во МНР. Во тој контекст, Димитров нагласи дека европскиот проект е едно од најголемите постигнувања кое донесе мир и стабилност на овој континент и токму затоа, тој треба да се заокружи со интеграција на регионот во Унијата“, се наведува во соопштението од СЕП.

Видете и ова: Рот до Димитров: Треба конечно да почнат пристапните преговори


„Словенија отсекогаш ја поддржувала интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Крајно време е за успех и чекор напред за евроинтеграцијата на регионот и Северна Македонија кон ЕУ. Тоа е стратешки важно посебно годинава, кога кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот е на голем тест” рекол Димитров на средбата.

„Од словенечка страна беше потенцирано дека вклучувањето на Западниот Балкан во ЕУ не е само од интерес на земјите од регионот, туку и геостратешка потреба на Унијата.​“, стои во соопштението од СЕП.