Македонскиот министер за правда, Бојан Маричиќ, смета дека тензиите меѓу Македонија и Бугарија, која стави вето на преговарачката рамка со Европската унија (ЕУ), би требало „природно да се намалат" по изборите на 4 април во Бугарија.
Тој во интервју за „Еуроактив" вели дека „со интензивен дијалог по бугарските избори може да се постигне договор ако се има вистинска подготвеност и волја за тоа и ако се бара решение засновано на меѓусебно почитување, рационалност, европски вредности и на модерните концепти од 21 век“.
На прашањето дали е добра стратегија да се чека исходот од гласањето, со оглед на тоа што се чини дека во Бугарија има меѓупартиски консензус за ветото против Скопје, Маричиќ рече дека Македонија треба да види кој е нејзиниот партнер во преговорите.
Македонија лани во декември доби вето од Бугарија на преговарачката рамка со ЕУ, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедството, но инсистира и Македонија да признае бугарски корени во својот национален идентитет и јазик што за македонската Влада е неприфатливо.