Извештај на Стејт Департментот- се влошуваат човековите права во многу земји

Ентони Блинкен

Извештајот на САД за човековите права низ целиот свет ја нагласува влошената слика во многу земји, вклучително и Белорусија, за која се наведува употребата на „брутална сила“ против мирните про-демократски протести, како и Русија, каде што на мета беше опозицискиот политичар Алексеј Навални.

Државниот секретар на САД, Ентони Бликен, на вчерашниот брифинг изјави дека во тие и во други земји „трендовите за човековите права продолжуваат да се движат во погрешна насока“. Блинкен се обрати на објавувањето на извештајот за човекови права, кој ја опишува состојбата во минатата година во речиси 200 земји во светот.

„Премногу луѓе продолжија да страдаат под брутални услови во 2020 година", рече Блинкен.

Извештајот за Русија го потенцира труењето со нервни агенси на Навални. Во него се вели дека "веродостојни извештаи" укажуваат на тоа дека офицери од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) го труеле Навални во август минатата година. Исто така, се споменуваат „веродостојни“ извештаи на невладини организации и независни медиуми за кампања на насилство, вклучувајќи тортура и вонсудски убиства, против ЛГБТ лица во руската област Чеченија.

Извештајот ја дефинира Белорусија како „авторитарна држава“ и набројува долг список на „значајни кршења на човековите права“.

Документот е особено критичен кон Кина, користејќи наметлив јазик за да го опише третманот на кинеската влада кон Ујгурите и другите претежно муслимански етнички малцински групи во провинцијата Ксинџијанг како „геноцид и злосторства против човештвото“.