(Не)извесна средбата за Законот за државјанство

Лидерите на Алтернатива и Алијанса за Албанците, Африм Гаши и Зијадин Села

Премиерот Зоран Заев во понеделникот по разговорите со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека за денеска во 10 часот е закажана средба со претставници на Алијансата за Албанците и Алтернатива на која ќе се разговара за Законот за државјанство, но и за сите останати прашања.

Средбата, според Заев, е на барање на Алијанса и Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда, а поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА.

Премиерот вчера повтори дека во Владата постои волја да се најде решение за Предлог-законот за државјанство, предложен од Алијанса за Албанците и Алтернатива, кое ќе се базира на европските практики.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши вчера на заедничка прес-конференција со првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села изјави дека до тој момент не добиле покана за средбата што ја најави премиерот. Меѓутоа, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари најави дека е можно оваа партија да не присуствува на средбата што ја најави премиерот Заев.

Претседателот Стево Пендаровски вчера по седницата на Советот за безбедност изјави дека очекува на средбата да биде постигнат компромис.