Палмер: Владата подобро да се справи со корупцијата, а спорот со Бугарија да се решава билатерално

Архивска фотографија - Метју Палемр во Скопје

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, изјави дека Соединетите држави очекуваат македонската Влада подобро да се справи со корупцијата, од што ќе зависи дали НАТО членките ќе инвестираат во државата или не, а во однос на членството во Европската унија (ЕУ), дека меѓувладината седница треба да се одржи што побргу.

„Колку подобро Владата се справи со корупцијата, толку повеќе овој пороблем ќе го стави под контрола, и повеќе други држави, вклучувајќи и НАТО сојузници, ќе гледаат на Северна Македонија како место во кое ќе сакаат да инвестираат, ќе веруваат дека договорите ќе се почитуваат, каде нема да бидат подмитувани, и каде ќе имаат разумен повраток од инвестицијата во средина во која има предвидливост, вкучително и во делот на судството“, рече Палмер за „Гласот на Америка“.

Палмер повтори дека е неопходно итно да се одржи Меѓувладината конференција за почеток на преговори со Европската Унија, апелирајќи уште еднаш спорот со Бугарија да се решава на билатерален начин.

„Чувствуваме момент на итност. Сметаме дека Северна Македонија и Албанија ја заслужија Меѓувладината конференција, формалното отворање на пристапните преговори. Многу сакаме да видиме тоа да биде договорено оваа година. Сакаме препреките да ги видиме отстранети. Двете држави заршија тешка работа, ја завршија нивната домашна задача и ги направија неопходните реформи. Одржете ја Меѓувладината конференција и ставете го овој процес цврсто на пат“, рече Палмер.

Видете и ова: Бугарската Влада се огради од изјавите на Џамбаски дека „Македонија е бугарска“


На прашањето како ги коментира заканите од Бугарија со безбедносни служби да ги средува наводните проблеми на бугарската дијаспора во државата, Палмер за „Гласот на Америка“ рече: „Она што сакаме да го видиме е Северна Македонија и Бугарија преку дијалог да ги решат прашањата во билатералните односи, да ги држат тие проблеми надвор од мултилатерални формати, вклучувајќи го НАТО, и конкретно сега Европската Унија. Сигурно никој не сака да види еден НАТО сојузник, НАТО партнер да му се заканува на друг“.

Од декември лани, Македонија има вето од Бугарија за преговарачката рамка со ЕУ, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство и со пораки од Бугарија за Македонија да признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик. Тоа за Владата во Македонија е неприфатливо и, како што рече премиерот Зоран Заев, тоа се црвените линии за Македонија и за тоа не се преговарало со Бугарија и нема да се преговара.