Министерот за животна средина, Насер Нуредини, денеска изјави дека очекува Собранието до мај да го усвои предлог законот за прогласување на Шар планина за национален парк. Тој ова го соопшти на презентацијата на истражувањето на јавното мислење на локалното население од полошкиот регион во 2021 и споредувањето на резултатите од иста таква анкета од 2016 година, реализирани од Македонското Еколошко Друштво и организацијата Пријатели на Шара, кое покажало дека кај жителите од сите шест полошки општини има висок степен на поддршка Шар планина да биде национален парк.
Министерот Нуредини минатата недела стави дел од Шара под режим на привремена заштита со цел, како што беше образложено, да се спречи натамошната деградација на природата и издавањето нови концесии за мали хидроцентрали. Делот од Шар Планина кој ќе се прогласи за национален парк во иднина ќе биде управуван според План за управување, кој во моментов е во подготовка и се очекува да биде завршен до крајот на годинава.