Николовски не бара разрешување на Рашковски за „случајот софтвер“

Драги Рашковски и Зоран Заев

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, нема да бара разрешување на поранешниот генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден 81.000 евра, кој не го користи ниедна институција.

Одговарајќи на новинарско прашање - Дали ќе предложи Рашковски да се повлече од функцијата, по примерот на екс-директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова - вицепремиерот Николовски рече дека се работи за различни случаи.

Видете и ова: Афери и скандали го „тресат“ македонското тло


Тој објасни дека „предлогот за разрешување на Димова следувал откако финансиската полиција покренала кривична пријава, а се повика и на владиниот Етичкиот кодекс, кој, како што кажа, важи за сите министри, заменик министри и за сите функионери именувани од Владата.

Рашковски моментално го води новоформираниот Секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, а за именување и разрешување на раководителите на новите Секретаријати, меѓу кои и тој на Рашковски, решава премиерот.

Инаку Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори предистражна постапка за аферата која пред три недели ја објави емисијата „360 степени“ за софтверот кој што го набавил поранешниот генерален секратар на Владата Драги Рашковски за МВР, а министерството веќе осум месеци не го користи. Премиерот Зоран Заев, пак, ијзави дека „нема конфликт на интереси“ во тој случај.