Измените во Законот за попис се мали, за кои што не треба премногу време. Тие се подготвуваат во моментот и ќе ги предложам за разгледување и усвојување на денешната седница на Влада, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање за измените на Законот за попис. Заради итноста, Маричиќ најави, дека ќе предложи Владата да го усвои и испрати во Собранието со европско знаменце и скратена постапка, како што беше и примарно предложен, со што не очекува можност за блокади.
Таа измена, појасни Маричиќ, се сведува на две прашања – датумот на пописот и рокот за попишување на дијаспората.
„Датумот на пописот е во една одредба и наместо од 1 до 21 април ќе го ставиме од 5 до 30 септември и делот дека дијаспората ќе може да продолжи да се попишува од 1 март, кога почна до 30 септември, кога треба да заврши теренскиот дел на пописот“, рече Маричиќ.
Измените Маричиќ веќе ги разговарал со директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика и нагласи дека очекува тој брзо да биде усвоен, со огледа дека не станува збор за суштински измени.
„Очекувам, доколку Владата ги усвои на денешната седница, веднаш да ги испратиме во Собранието. Доколку претседателот на Собранието и координаторите направат добар план, сосема е изводливо во наредните денови, односно утре, овој закон да биде усвоен“, изјави Маричиќ.