Русија - Четворица Јеховини сведоци обвинети за екстремизам

Илустрација

Руските власти започнаа кривична постапка против четворица членови на Јеховините сведоци во Сибир, во последниот прогон против оваа религиозна група, објави Радио Слободна Европа (РСЕ) на руски јазик. Истражен комитет во регионот Томск обвини четворица Јеховини сведоци за „членство во екстремистичка група“, соопштија на 29 март групата за набудување на човековите права ОВД-Инфо и Јеховините сведоци во Русија.

Четворицата беа идентификувани како Сергеј Белоусов, Андреј Колешниченко, Алексеј Ершов и Андреј Ледајкин. Случајот е отворен во Северск, град затворен поради нуклеарни и хемиски постројки.

Русија ги етикетираше Јеховините сведоци како екстремистичка група и ги забрани во 2017 година, што доведе до бран тужби и затворски казни против членовите на таа група. Со децении, на Јеховините сведоци се гледа со сомнеж во Русија, каде што православната црква е доминантна. Христијанската група Јеховини сведоци е позната по тоа што проповеда од врата до врата, ја проучува Библијата, одбива воена служба и не прославува државни и верски празници или родендени.