По повод нотата добиена од амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, во врска со предизборно видео на европратеникот Ангел Џамбаски, Министерството за надворешни работи (МНР) сака да наведе дека смета дека предметниот материјал е „неумесен“. Нагласуваме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада.
Ова денеска го соопшти бугарското МНР, по протестната нота од Македонија до Бугарија поради објавеното видео од бугарскиот европратеник и заменик-претседател на политичката партија ВМРО-Бугарско Национално Движење, Ангел Џамбаски, во кое тој вели дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над се“.
„Бугарија нема територијални претензии кон другите земји и тоа постојано се декларираше. Забележуваме дека ова видео од бугарски политичар доаѓа по 3-дневниот молк на владата на Северна Македонија, која ја повикавме да се огради од клеветничките публикации на словенечката невладина организација „Меѓународен институт за Блискоисточни и балкански студии“. Владата во Скопје не само што не ги осуди предметните публикации, туку го нарече реномиран институтот кој со лаги напаѓа две земји-членки на ЕУ: Бугарија и Германија. Забележуваме и целосен мрак во медиумите на Република Северна Македонија во врска со бугарскиот демарш по повод словенечката невладина организација, што сведочи до кој степен властите во оваа земја-кандидат за Европската унија го толерираат плурализмот и правото на слободно изразување“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР, објавена на неговата интернет страница.
Инаку, пред неколку денови, ИФИМЕС објави дека “бугарските власти пласираат неверодостојни податоци дека Македонците имаат бугарско потекло и Северна Македонија мора да даде официјална изјава дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени“. По објавата на ИФИМЕС, македонскиот в.д. амбасадор во Софија беше повикан во бугарското МНР, по што реагираше македонската влада дека нема ништо со ИФИМЕС.
Македонското МНР, за изјавите и видеото на Џамбаски, оцени дека „тие не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји“.
„Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивно на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, се вели во соопштението на МНР објавено по изјавите на Џамбаски.