Германската влада ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, на мислење сме дека треба конечно да отпочнат пристапните преговори, изјави германскиот министер за Европа Михаел Рот по денешната средба со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој е во посета на Берлин.
„Силно го поддржуваме португалското претседателство, како би се овозможил почеток на преговорите во јуни оваа година. Во исто време ја охрабрувам Северна Македонија паралелно да работи на реформскиот процес, пред сè јакнење на правната држава, решителна борба против корупцијата, независно дејствување на судскиот систем, тоа не е важно само за Унијата, многу поважно е за граѓаните на Северна Македонија“, наведе Рот.
Димитров, пак, ја пренесе загриженоста од македонска страна дека секое понатамошно одолговлекување со почетокот на преговорите со ЕУ може да предизвика зголемена недоверба кон европската перспектива, не само на Македонија туку и на регионот.
Тој нагласи дека е потребно да се преземат одлучни чекори за да се надминат сите непринципиелни барања за почеток на преговорите.
„Проблематизирањето на идентитетските обележја на еден народ како што е јазикот и условувањето истото да биде дел од пристапниот процес, не само што претставува своевиден ултиматум, туку и оправдана причина за намалување на довербата на македонската јавност кон евроинтерациите“, изјави Димитров.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, со барање да се признае дека македонската нација е создадена во 1944 година и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.