Додик – ЕУ нè измами за вакцините

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик денеска праша зошто од ЕУ не ги испорачаат вакцините против коронавирус кои се платени 6,5 милиони евра, истакнувајќи дека тоа е целосно некоректно.

Наведувајќи дека претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен рекла дека Европа не може да им даде вакцини на помалите земји, тој рече дека ЕУ во декември минатата година зела 6,5 милиони евра за вакцини, а сега не ги испорачуваат.

„Каде на светот го има тоа? Само на Западот? Зошто не ни ги испорачате нашите вакцини“, праша Додик во изјава за медиумите во Лакташи.

Тој додаде дека тие вакцини биле поевтини зашто биле платени авансно.

„Сега тие би сакале ние да си ги повлечеме парите, а тие да ги продадат вакцините двојно поскапо“, рече Додик.

Тој наведе дека амбасадорот на ЕУ во Босна и Херцеговина Јохан Сатлер се правел важен (се шепурел) кога неодамна на сараевскиот аеродром стигнаа мали количини од вакцината.

„Што ни значи што дојдоа 14 илјади вакцини, тоа е измама и уште повеќе“, рече Додик.