Владата синоќа соопшти дека ја оценува како несоодветна постапката на повикување на вршителот на должноста амбасадор на нашата земја во Софија, Владимир Крстевски, на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи за ставови изразени oд трета страна, во анализа која никако не е поврзана со Владата, а е изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана.
„Навистина, ИФИМЕС беше ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на доверба на регионално и глобално ниво, но нивниот договор со Владата на Република Северна Македонија заврши во 2019 година. Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту какви било правно- обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата. ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“, се наведува во владиното соопштение.
Владата нагласува дека и натаму останува посветена и отворена за интензивни разговори и за пријателски дијалог за што побргу да се дојде до решенија кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и низ заедничките основи да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ.