Бугарската амбасада во Скопје испратила протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи поради одлука на царинските власти на граничниот премин „Деве Баир“ да не дозволат влез во земјава на 920 книги за Бугарскиот културно-информативен центар во земјава, како што соопшти и бугарското МНР.
Книгите со наслов „Бугарски народни песни од Браќата Миладинови“ биле пренесувани од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов кој според бугарското МНР покажал договор за донација, со кој книгите требале да бидат доставени во културниот центар, јавува МИА.
- Македонскиот амбасадор во Софија повикан кај Захариева заради македонскиот претставник на Евровизија
Во соопштението на бугарското МНР се наведува дека на граничниот премин присуствувал и конзул од амбасадата во Скопје, а дека царинските власти изјавиле дека е неопходна дозвола од македонското МНР, во согласност со македонското Министерство за култура.
Со нотата бугарската амбасада во Скопје бара објаснување зошто се бара дозвола за влез на литература од земја членка на ЕУ, каде се тврди дека такво нешто не било регулирано никаде и дека било апсурдно да се случува во 2021 година во држава која сака членство во ЕУ.
Во нотата било наведено дека за настанот ќе бидат запознаени Европската комисија и амбасадите на државите членки во Скопје.