Неколку илјади жени денеска излегоа на улиците во Истанбул барајќи Турција да ја поништи одлука за повлекување од меѓународниот договор против семејното насилство.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела ги изненади европските сојузници, кога објави дека неговата земја се повлекува од Истанбулската конвенција.
Турција беше една од првите потписнички на Конвенцијата, а по одлуката на Ердоган жените наведоа дека нивната безбедност е загрозена.
- Турција се повлече од Истанбулската конвенција
- По ЕУ, и САД разочарани од Турција за Истанбулската конвенција
И покрај силните безбедносни мерки, демонстрантите се собраа на плоштадот Истанбул со виолетови знамиња и напишани пароли на транспаренти од типот „Убиствата на жени се политички“ и „Заштитете ги жените, а не насилниците“.
„Повлекувањето од Истанбулската конвенција е катастрофа за милиони жени и деца кои живеат во оваа земја“, рече директорот на Амнести Интернешнл за Турција, Еце Анвер. Тој ја повика Анкара да ја смени својата одлука.
Според Светската здравствена организација, 38 проценти од жените во Турција страдаат од насилство од нивните партнери, а во Европа 25 проценти, наведува агенцијата Ројтерс.