Команданти од 12 земји го осудија военото насилство во Бурма

Демонстранти во бурма реагираат по испукан солзавецот од полицијата за време на демонстрациите против воениот удар. 7 март 2021 година.

Високи воени команданти на десетина земји во заедничко соопштение денеска ја осудија смртоносната употреба на сила од страна на војската на Бурма, откако повеќе од 90 лица беа убиени во најкрвавиот ден откако војската ја презема власта во Бурма и започна насилна акција против демонстрантите кои се противат на пучот.

Во изјавата потпишана од шефовите на одбраната на Соединетите држави и на неколку други земји на НАТО заедно со Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Австралија, се вели дека војската во Бурма, позната и како Мјанмар, го изгуби кредибилитетот кај својот народ.

„Професионалната војска ги следи меѓународните стандарди за однесување и е одговорна за заштита - не за да им наштети на луѓето на кои им служи“, велат официјалните лица во изјавата цитирана од АФП.

Ројтерс објави дека во соопштението исто така се осудува и употребата на смртоносна сила против невооружени луѓе.

Во соопштението се повикува војската да „престане со насилството и да работи на враќање на почитта и кредибилитетот кај луѓето во Мјанмар, кој го изгуби со своите постапки“.

Изјавата дојде откако дипломати од истите земји изразија негодување во врска со насилството, што се случи додека хунтата организираше големо покажување на моќ за време на годишнито одбележување на Денот на вооружените сили во Бурма.