Пристигнаа 24.000 вакцини, имунизацијата стартува в среда

Министерот за здравство Венко Филипче на аеродромот во Скопје.

На аеродромот во Скопје денеска пристигнаа 24.000 дози вакцини на производителот „Астра Зенека“ преку Ковакс механизмот. Со нив вакцинацијата треба да започне в среда во вакциналните пунктови во здравствените домови.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести. Тој додаде дека според местото на живеење ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови во здравствените домови.

„Оваа вакцина што се чува на температура од 2 до 8 степени, што значи во буквално секој град може да се чува и да се дава понатаму“, изјави Филипче.

Вакцините на здравствените власти денеска им беа испорачани во присуство на дипломатскиот кор и претставници на СЗО и УНИЦЕВ.

Најавено е за крај на април преку Ковакс системот земјата да добие уште 76.000 вакцини „Астра Зенека.“