Борисов најави 5.000 вакцини за Македонија

Бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска изјави дека Бугарија следната недела може да и даде на Северна Македонија 5.000 дози вакцини против Ковид-19.

"Бугарија ќе добие 200.000 вакцини следната недела. Јас ќе предложам да испратиме 5.000 вакцини во Северна Македонија. Тоа ќе биде вистински пријателски гест за здравјето на луѓето", изјави Борисов, пренесува МИА.

Бојко Борисов изрази уверување дека Бугарија ќе прими повеќе од милион дози вакцини против ковид.

На владината седница во декември минатата година на која присуствуваше и македонскиот министер за здравство Венко Филипче, бугарскиот премиер изјави дека Бугарија ќе издвои дел за Северна Македонија од секоја испорака на вакцини, но досега не пристигна ниту една доза.