Алармантна состојба - скоро 1.500 хоспитализирани ковид пациенти

Архива - Министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски.

Здравствениот систем е соочен со најголемиот предизвик досега, а состојбата во болниците е алармантна поради зголемениот број на инфекции и хоспитализирани пациенти од Ковид-19, изјави денеска Министерот за здравство Венко Филипче.

„Но, и покрај тоа со секојдневни напори се оспособуваат нови оддели за хоспитализација на ковид пациенти. Во исто време, болниците се отворени и за болни кои имаат итни здравствени проблеми и им е потребна брза лекарска интервенција“, вели Филипче кој денеска одржа координација со докторите на ковид центрите во Скопје.

Месецов земјава е зафаета од силен бран на коронавирусот. Во моментов има над 17 илјади активни случаи, од кои повеќето се во главниот град Скопје. Според информациите на Министерството за здравство, само во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 1.422 нови позитивни на Ковид-19. Периодов расте бројот и на смртни случаи.

Според податоците, низ земјава денеска има скоро 1.500 хоспитализирани пациенти, од кои над 600 во Скопје. Слободни се околку 200 болнички кревети, 50 во главниот град.

Филипче вели дека здравствениот систем е соочен со наплив на пациенти со тешка клиничка слика, односно болни кои „имаат потреба од лекарска помош чиј број од час во час се зголемува“. Министерот наведува дека лекарите и медицинскиот персонал прават се што е во нивна моќ за пациентите да добијат најдобра можна нега.

Од Министерството апелираат граѓаните овој период да бидат исклучително одговорни, да се штитат себе и другите со почитување на мерките како носење маска, одржување физичка дистанца и хигиена. Институцијата апелира особено до младите да не се групираат.

Од почетокот на епидемијата во март минатата година скоро 125.000 граѓани се тестирани позитивни на коронавирусот, според последните информации на здравствените власти. Скопро 104 илјади се излекувани, а 3.607 го загубија животот.

Имунизацијата во земјата засега се одвива бавно. Вакцинирани се само 6.940 здравствени раборници, со досега стигнати 11.190 вакцини. Во Македонија утре (недела) ќе пристигне првата пратка од 24.000 вкакцини „Астра Зенека“ преку Ковакс системот, како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Денеска голем број македонски граѓани се упатија да се вакцинираат во Србија, откако српските власти овозможија за време на викендов странски државјани да добијат вакцини само со пасош, без претходно закажан термин.