Симовски: Може мало одложување на пописот ако се вакцинираат попишувачите

Апостол Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска изјави дека проверка на попишувачите со ПЦР тестови е тешко да изведе, бидејќи треба секојдневно да се тестираат сите 6.000 попишувачи, да се чекаат резултатите, па потоа да се оди на терен, но што се однесува до вакцинирање на попишувачите тоа може да се направи и ако е потребно и би се согласиле да се одложи попишувањето на терен за краток период за да се спроведе нивната вакцинација.

Симовски, на денешната прес-конференција, истакна дека „во случај да се прават ПЦР тестови ќе треба тоа да се прави секој ден на околу 6.000 учесници и да се чека резултат следниот ден, па да одат на попис“.

Видете и ова: Ќе донесе ли пописот деформирани бројки?

„Како ќе ја спроведеме оваа операција, би бил многу среќен сите учесници и сите граѓани да се вакцинираат, меѓутоа знаеме дека во моментов не е возможно. Ако има услови да се вакцинираат попишувачите ќе бидам многу среќен“, рече Симовски.

Во однос на тоа дали има заболени меѓу попишувачите, Симовски рече дека за тоа евиденција водат други институции и дека и доколку има заболени и кога би почнала теренската активност има начин како да се одвива таа. Тој денеска порача дека „бојкот и повик за бојкот на пописот е само заглавување во калта“.

Претходно премиерот Зоран Заев изјави дека попишувачите ќе се вакцинираат против ковид-19 и го повика опозицискиот лидер Христијан Мицкоски јавно да даде поддршка за пописот, бидејќи, како што рече, Мицкоски ден претходно изјавил дека „со невакциниран попишувач нема да разговара“.

Последна изјава од ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање беше дека бараат одложување на пописот за септември. Тие велат дека тоа мора да се одложи за да се зачува здравјето на граѓаните, но и обвинуваат дека власта со пописот сака „политички да се раскусури со ДУИ“.