Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ бара пописот да се одложи за септември, а во таа насока Собранието да закаже итна седница за да може да се интервенира во законот за самото одлагање.
Ова денеска го кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милишоски кој нагласи дека сите држави во регионот и во Европа ги одложија пописите поради пандемијата со Ковид19.
„Зошто сметаме дека одлагањето е неопходно? Пред се од здравствени и епидемиолошки причини цениме дека нема услови да се одржи безбеден и веродостоен попис кој што би дал соодветни и релевантни податоци. Според нас, човечки и хумано е на толку многу заболени и на превисока смртност, приоритет за имунизација да се даде и да имаат медицинските лица, хронично болните лица и потоа сите други останати. Секој друг редослед или приоритет би значел давање предност на политиката наместо на човечноста во медицината“, рече Милошовски.
Пописот треба да почне на први април. Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со вакцините на АстраЗенека кои според најавата ќе стигнат во недела, ќе бидат вакницинирани и попишувачите. Оваа негова изјава пак следуваше по вчерашната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека „не му паѓа на памет да разговара со неимунизиран попишувач“.