На Софија однадвор и е наметната кампањата за борба со наводните руски шпиони во Бугарија, изјави денеска на брифинг портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавува дописникот на МИА од Софија.
„Не можам да не се согласам со фактот, дека, бидејќи тоа не им одговара на интересите на бугарскиот народ, најверојатно зад него стои стимулирање однадвор на ваквите потези и активности. Затоа што не може тоа да се објасни со основните, национални и природни интереси на Бугарија“, рече таа.
Бугарското Јавно обвинителство на 19 март објави дека шестмина сегашни и поранешни вработени во Министерството за одбрана и военото разузнавање, со помош од ЕУ и САД биле приведени под сомнение дека шпионирале во корист на Руската Федерација. Окружниот воен суд на петмина од нив им одреди притвор. Еден од осомничените беше ослободен со кауција затоа што обвинителите не побараа негово апсење.
Руската Амбасада во Софија истакна дека „смета дека одлуката на бугарската страна е неразумна“, а Министерството за надворешни работи на Руската Федерација објави дека го задржува правото да одговори на реципрочен начин.