Заев: Ќе се вакцинираат попишувачите, Мицкоски да даде поддршка за пописот

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со вакцините кои се очекуваат да стигнат во недела, ќе бидат вакницинирани и попишувачите, кои ќе го спроведат пописот. Оваа изјава на премиерот доаѓа по вчерашната изјава на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека „не му паѓа на памет да разговара со неимунизиран попишувач“.

„Верувам дека пораката синоќа испратена од господинот Мицкоски - дека ако се вакцинираат попишувачите - тогаш тие јавно ќе дадат поддршака за пописот и тогаш навистина сите субјекти ќе бидат про-пописот, освен Левица“, додаде Заев и ја повика Левица да се приклучи кон „оваа важна операција“.

Според последните најави, кои и денеска ги повтори Заев, во недела се очекуваат да пристигнат 24.000 дози вакцини против ковид-19 од АстраЗенека.

Инаку, преку апликацијата за самопишување на дијаспората заклучно со осум часот денеска се евидентирани 148 719 лица. Самопопишувањето на државјаните кои живеат во странство започна на 1 март и ќе трае до 21 април. Пописот на населението во земјава почнува на 1 април и ќе се одвива до 21 април, согласно утврдените протоколи за заштита од Ковид 19.