Британскиот парламент одобри продолжување на вонредните мерки поради коронавирусот за уште 6 месеци, за да и овозможи на конзервативната влада да ги задржи широките овластувања за ограничување на секојдневните активности.
Долниот дом на парламентот изгласа продолжување на мерките до септември, а го одобри и планот на извршната власт за постепено ублажување на острите мерки во наредните 3 месеци. За продолжувањето на специјалните овластувања на владата на Борис Џонсон гласаа 484 пратеници, а 76 беа против.
Меѓутоа, Џонсон се соочи со незадоволство кај некои членови на неговата партија, кои тврдат дека цената на ограничувањата ќе биде поголема од користа што ќе ја донесат.
Бројот на инфекции и смртни случаи во Велика Британија опадна во февруари, додека во најголем дел од Европа се зголемува.