Мицкоски го кани Заев на тет-а-тет средба

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на средба. Архивска фотографија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика премиерот Зоран Заев на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници.

„Стојам на располагање, ќе го прилагодам моето време, така како што нему му одговара, да разговараме за сите проблеми кои се од животно значење за граѓаните, од кризата со пандемијата до работата на Парламентот, за што е денеска отворено, а не решено. Зборувам за тет-а-тет средба како двајца претседатели на двете најголеми политички партии кои имаат повеќе од две третини пратеници во рамките на Парламентот“, рече Мицкоски во гостувањето во вестите на телевизијата Сител.

Тој порача дека се надева оти нема да биде погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта му е искрена за да се постигне консензус меѓу двете најголеми политички партии. Мицкоски истакна дека е подготвен да разговара на која било тема.

„Граѓаните тоа го очекуваат од нас, очекуваат од претседателите на двете најголеми политички партии да седнат и да постигнат консензус околу клучните прашања, затоа што состојбата во државата е во грч, граѓаните се во грч“, рече Мицкоски.

Мицкоски претходно изјави дека е добро што владејачкото мнозинство го прифатило неговиот предлог за приоритетно гласање на четирите закони за помош на стопанството и граѓаните. Пратениците од мнозинството и опозицијата успејаа да најдат решение за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки.