Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе биде тешко да се испочитува рокот од 1 мај за повлекување на сите американски трупи од Авганистан како дел од договорот потпишан со талибанците минатата година. Бајден на својата прва прес-конференција откако ја презеде функцијата во јануари, рече дека нема намера да ги задржи последните 2.500 американски војници во Авганистан долго време.
"Ќе биде тешко да се испочитува рокот од 1 мај во смисла на тактички причини. Тешко е да се извлечат тие трупи. Ќе заминеме, но праѓањето е кога ќе заминеме", рече тој.
На прашањето дали американските трупи сè уште ќе бидат во Авганистан во 2022 година тој одговори дека не очекува такво нешто.
Според договорот постигнат во февруари 2020 година под администрација на поранешниот претседател Доналд Трамп, сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за безбедносни гаранции од талибанците, како што се раскинување на врските со Ал-Каеда и милитантната група да не биде засолниште за какви било странски терористи.
Талибанците исто така ветија дека ќе преговараат за прекин на огнот и за постигнување на договор за поделба на моќта со авганистанските власти, но нивните мировни разговори, започнати во Катар во септември 2020 година, се во ќор сокак. Мисијата на НАТО предводена од САД во Авганистан во моментов има 9.600 војници.