Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров го поздрави усвојувањето на Извештајот за Северна Македонија за напредокот во евроинтегративниот процес. Тој притоа изрази жалење што не беше прифатен амандманот на Зелените и Социјалистите за провокативно однесување на Бугарија кон земјава поради блокада на пратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.
„Сакам да го поздравам усвојувањето на Резолуцијата на ЕП со големо мнозинство, вклучувајќи го и компромисот кој е постигнат околу вордингот за пристапувањето дека билатералните прашања не смеаат да бидат користени за блокирање на пристапниот процес. Но, не можам да избегнам да не ги спомнам некои од амандманите за кои се гласаше денеска. Сакам да изразам жалење и разочараност што беа усвоени амандманите 3 и 4 поднесени од ЕПП-групата, и би сакаал да изразам жалење што амандманот 2 поднесен од Белка, Пицула, Фајон и Шидер не доби поддршка од мнозинството“, рече Димитров во обраќањето на 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет- Северна Македонија и ЕУ.
- ЕУ го усвои извештајот за Македонија, но, не и амандманот за „провокативното однесување на Бугарија“
Едниот амандман на ЕПП се однесуваше на одлуката на Европскиот Парламент дека претходните препораки за недискриминација на луѓе кои отворено изјаснуваат дека се со бугарски припадност или потекло, не се имплементирани и сè уште е проблем да се каже дека имаат нешто заедничко со Бугарија. Другиот, како што изјави, бугарскиот европратеник од ЕПП Андреј Ковачев инсистира на „историско помирување засновано заедничка бугарска историја, како што е запишано во Договорот за пријателство и добрососедство“.
Димитров порача дека се посветени да продолжат со билатералните напори, вклучувајќи ги и напорите на португалското претседателство за изнаоѓање начин да се надмине прашањето со Бугарија. Според него, во прашање се многу работи вклучувајќи го и кредибилитетот на ЕУ во регионот Тој порача дека е крајно време Северна Македонија да го почне пристапниот процес.
„Ако тоа го постигнеме тоа ќе биде тројна победа за нас, за Софија и за ЕУ. Тоа ќе даде и голем сигнал за регионот“, нагласи Димитров.