Европскиот Парламент со 558 гласови за, 70 против и 59 воздржани го усвои извештајот за напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес. Извештајот ги поздравува напорите на Северна Македонија во реформите за членство во ЕУ и ги охрабрува Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение.
Известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук го поздрави фактот што Северна Македонија продолжила со реформите и покрај пандемијата од ковид-19.
„Се надевам дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат. Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро“, изјави Ќучук.
- ЕП утре ќе гласа за Извештајот за Македонија и амандманот за „провокативното однесување на Бугарија“
Амандманот на Социјалдемократите и Зелените преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Северна Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.
Еврокомесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји, во обраќањето пред европратениците на почетокот на денешната дебата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западен Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули. Вархеји рече дека извештајот на Ќучук се совпаѓа со наодите на Европската Комисија.