Албанскиот премиер Еди Рама по пристигнувањето на пратка од 192.000 вакцини против ковид-19 од кинеско производство најави дека со турскиот дистрибутер се работи на отворање фабрика за производство на вакцини во Албанија. Вакцините пристигнаа на меѓународниот аеродром во Тирана со лет на „Ер Албанија“ на кој беше и Рама.
„Пред да дадам објаснувања околу новите дози вакцина сакам со вас да споделам една многу добра вест. Почнавме разговори за да ја донесеме фабриката за вакцини, која во моментов е една од најголемите фармацевтски компании во светот, која исто така ја дистрибуира вакцината Синовак, а е производител и на други фармацевтски производи“, изјави Рама.
Рама најави дека во рок од 60 дена во Албанија ќе пристигнат многу повеќе вакцини и ќе започне масовна вакцинација на населението.
„За неполни 60 дена ќе имаме 1,2 милиони дози што ќе ни даде можност проширување на вакцинацијата на целата територија и да започнеме поинтензивен процес на вакцинација. Очекуваме да добиеме 70.000 од Фајзер, 80.000 од Астра Зенека и уште 25.000 Спутник В, кои заедно со 106.000 вакцини кои се во процедура со ЕУ, прават вкупно 871.000 вакцини, како и 500.000 од Синовак“, наведе Рама.
Во Албанија досега пристигнати се над 282.000 вакцини од неколку производители.