Заев: Нема конфликт на интереси во набавката на софтверот на Рашковски

Премиерот Зоран Заев во Собранието.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека при набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски не е прекршена ниту една процедура и не е констатиран никаков конфликт на интереси. Според него, софтверот е набавен регуларно, преку јавни набавки, авторските права за него се во сопственост на Владата, а за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност.

„Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до Министерството за одредени дејности и надлежности на Владата“, истакна Заеводговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски за софтверот во износ од 81 илјада евра.

Владата, според Заев, работи по највисоки професионални стандарди, транспарентно, етички, законски, комплетно за сите постапки. Повтори дека софтверот е изработен од ФИНКИ и фирмата „Инвока“ и е целосно оспособен, тестиран, предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Тој ги повика обвинителството и антикорупционерите кога ќе ја завршат истрагата јавно да ги соопштат своите наоди.

Во однос на постапката за случајот „Леонардо“, Заев истакна дека е завршена истрагата во која е утврдено дека јавната набавка на радарскиот систем и сите претходни постапки се завршени исто така за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ, кога директор, како што рече тој, бил таткото на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски.

„Целокупните постапки се завршени. Тогашниот генералниот секретар на Владата Драги Рашковски тогаш имаше задача да ги спроведе потпишаните договори и да се реализираат јавните набавки“, рече Заев.

Во јули минатата година, Антикорупциската комисија го отвори предметот „Леонардо“ во кој е инволвиран Рашковски. Во овој случај станува збор за набавка на опрема и договор со италијанската компанија. Рашковски тогаш се бранеше дека не е барано мито и се извини.

Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори предистражна постапка и за аферата која ја објави емисијата „360 степени“ за софтверот кој што го набавил Рашковски за МВР, а министерството веќе осум месеци не го користи. Станува збор за набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.