Адвокатите на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални велат дека нивниот клиент има големи болки и стравуваат за неговиот живот, спротивно на изјавата на руските затворски власти во која се вели дека критичарот на Кремљ е во „задоволителна“ состојба.
По посетата на Навални во затворот, адвокатката Олга Михаилова рече дека правен тим бара на нивниот 44-годишниот клиент да му биде даден потребниот третман за неговите болки кои се игнорираат веќе четири недели. Михаилова рече дека Навални е во екстремно неповолна состојба, страдајќи од силни болки во грбот и проблеми со десната нога, што го прави практично нефункционален.
САД ги проширија рестрикциите против Русија поради труењето на Навални
Состојбата на Навални и неговата локација станаа проблем на 24 март откако неговите сојузници рекоа дека се загрижени поради влошувањето на неговата здравствена состојба и неговото неприсуство на закажаната посета со неговите адвокати во затворот. Сојузната казнено-поправна служба изјави дека претходниот ден се спровел рутински медицински преглед на затворениците.
„Според резултатите од испитувањето, здравствената состојба на [Навални] беше утврдена како стабилна, задоволителна“, соопшти прес-службата на затворот.
Изјавата, сепак, не придонесе за олеснување на загриженоста кај сојузниците на Навални.
„Сега сме навистина загрижени. Дури и Сојузната казнено-поправна служба не може да ја нарече состојба на Навални добра. Ова не е изненадување бидејќи тие ставија во затвор човек кој неодамна беше отруен со нервен агенс“, напиша Фондацијата за борба против корупција на Навални на Твитер.